Новоизбраниот градоначалник на Радовиш, Ацо Ристов од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата денеска преку прес-конференција им се заблагодари на граѓаните и поддржувачите за укажаната доверба.
-Ви ветувам дека чесно, посветено и со многу труд, сите заедно ќе чекориме кон модерен, безбеден и просперитетен Радовиш. Ви ветувам дека одговорно и мотивирано ќе застанам во служба на вашите барања, проблеми и интереси. Предизвикот да се биде градоначалник е огромен. Како главен мотив за моето ангажирање во локалната самоуправа беше желбата за докажување дека со чесен, трудољубив и посветен пристап кон работата-може да се дојде до успех. Дека политиката може да биде и поинаква од тоа што сме навикнати вообичаено да го гледаме како нејзин производ, и дека најголемите промени во општеството се случуваат токму на локално ниво, каде граѓаните чувствуваат потреба од реализација на одредени проекти, истакна Ристов.
Тој додаде дека за исполнување на неговата визија и мисија ќе барал средби, дијалози и обединување, бидејќи повеќе години луѓето во Радовиш биле поделени по разни прашања и основи.
-Време е да покажеме дека разликите во нашето делување треба да се одне-суваат на различните политики за кои се залагаме, за решенија, за различни погледи кон нештата. Разликите не треба да нè делат-треба да нè обединуваат. Радовиш е град на сите граѓани. Секое место, секој граѓанин заслужува почит. Нашите различности ќе ги сплотиме како заедничко богатство и предност. Јас сум подготвен да прифатам секакви сугестии,идеи и барања на добронамерни луѓе, а Општината ќе биде отворена за сите. Нашата цел е развиен, напреден, добро уреден, посакуван и убав Радовиш, подвлече Ристов.