Во Париз денеска ќе биде објавено името на добитникот на француската книжевна награда Гонкур, која на лауреатот му обезбедува статус на ѕвезда и подобра продажба на неговите книги, пренесоа француските медиуми.

Четворица кандидати се во потесниот круг, вклучувајќи го и писателот од Сенегал, Мохамед Мбугар Сар. На листата се и Сорј Шалендон, Кристин Ангот и Луис-Филип Далемберт.

Минатогодишниот победник е Ерве Ле Телиер за романот „L’Anomalie”.

Наградата Гонкур се доделува од 1903 година, а победникот го одлучува жирито кое секоја година се состанува во познатиот париски ресторан „Друан”. Наградата е именувана по писателот Едмонд Гонкур (1822-1896) кој ја основал книжевната академија Гонкур. Оваа награда, меѓу другите, им беше доделена на познати писатели – Марсел Пруст, Андре Малро, Симон де Бовоар и Маргарит Дирас.