Озлем Туречи и Угур Шахин не се разочарани што не ја добија Нобеловата награда за медицина. „Секојдневно добиваме многу Нобелови награди“, велат основачите на Бионтек во разговор за Дојче веле.
ДВ: Госпоѓо Туречи, господине Шахин, кога ќе заврши пандемијата на корона?
Туречи: Тоа е тешко прашање, имајќи предвид дека секој ден учиме нешто ново за вирусот, за тоа како тој реагира на вакцината. Ова знаење е неопходно за да можеме да процениме кога ќе заврши пандемијата. Но, она што веќе можеме со сигурност да го кажеме е дека постепено ќе дојде нова нормалност. Тоа веќе може да се почувствува. Дефинитивно ќе се справуваме со вирусот уште неколку години. Ќе се најдат и одговори на прашања кои денес ги немаме. Иднината ќе покаже дали ќе се појават нови варијанти на вирусот и дали ќе треба да се направат прилагодувања за вакцините. Со текот на годините, вирусот ќе го добие статусот што го има вирусот на грип денес. Короната ќе стане вирусна болест која може да се контролира.
Дали работите на нова вакцина, против нови мутации на вируси?
Шахин: Да, во моментов тестираме варијанти на вакцини на релативно мал број волонтери. Студијата за јужноафриканската Бета-варијанта е речиси завршена, друга за Делта варијанта е во тек, првенствено за собирање податоци. Во моментов нема потреба од замена на вакцината. Но, сакаме да покажеме дека можеме да произведеме и клинички тестираме нови варијанти на вакцини кои се исто толку безбедни како и вакцините што ги имаме во моментов. Доколку во наредните години се појави варијанта за која вакцината мора да се адаптира, тоа би можеле да го направиме многу брзо, со оглед на тоа што веќе ги имаме воспоставено соодветните процеси. Во мир можеме да се подготвиме за фактот дека под одредени околности вакцината ќе мора да се прилагодува на нови мутации на секои две години.
Дали е потребно да се вакцинираат децата?
Шахин: Не можеме да кажеме дали е потребно. Ние генерираме податоци и ги доставуваме до надлежните служби. Веќе се одобрени вакцините за деца на возраст од 12 до 15 години.
Туречи: Пред четири недели доставивме податоци за деца на возраст од пет до осум години. До крајот на годината ќе доставиме податоци за уште помали деца, од шест месеци до четири години. Тие студии се уште се во тек.
Дали ве разочара што се уште има луѓе кои одбиваат да се вакцинираат?
Шахин: Го разбираме тоа и воопшто не сме разочарани. Од наша страна, ние ги даваме информациите транспарентно. Според мене, добро е што експертите зборуваат за тоа во медиумите. На тој начин секој има можност да ја разбере ситуацијата. Единствено што им советувам на сите е да бидат што пошироко информирани. На тој начин може да се донесе добра одлука.
Дали разбирате што луѓето велат дека е нова технологија и не се знае какви се долгорочните последици?
Шахин: И ние го разбираме тоа. Но, од друга страна, луѓето генерално многу добро ги поднесуваат вакцините – што е едно од најважните достигнувања на човештвото. Без вакцини, нашето општество не би можело да го достигне нивото на развој што го има денес. Да, нашата вакцина се базира на нова технологија, но ние добро ја разбравме, бидејќи оваа технологија постои веќе 30 години.
Нашата вакцина не е создадена само така, туку се базира на биомолекула, која се наоѓа во секоја клетка во нашето тело. Затоа, ништо туѓо не внесуваме во телото, а со оглед на тоа што се инвестира повеќе од 30 години, имаме многу добра научна основа. Затоа нашата вакцина можеше да биде развиена толку брзо.
Неодамна ја добивте наградата царица Теофанија што се доделува за исклучителни заслуги за Европа.
Угур Шахин: Тоа е награда која, ако сакате, ја претставува европската култура. Наградата која се доделува во градот од каде потекнува нашиот пријател и партнер Алберт Бурла, шеф на бордот на директори на Фајзер. А наградата ја добивме во моментот кога можеме повторно да патуваме.
Озлем Туречи: Солун и Грција ни се многу блиски, а културата таму е многу слична на културата од која потекнуваат нашите родители. Беше убаво, дури и бев малку носталгичен кога бевме таму.
Шахин: Прадедо ми по мајка е од Солун. Потоа неговото семејство се преселило на Крит, а оттаму во пристаништето Искендерун во јужна Турција, каде што сум роден. Се уште се сеќавам дека мајка ми секогаш раскажуваше приказни од тие дамнешни времиња, за тоа колку биле блиски врските меѓу Грците и Турците тогаш.