Албанските владејачки социјалисти и опозициските демократи, се согласија да седнат и да разговараат за уставни измени околу изборните реформи, но не и за ветинг во политиката, што го предлага опозицијата

Демократскиот лидер Љуљзим Баша, во најавата за ваков предлог рече дека тоа е многу значаен процес за да се „отстранат од политиката корумпираните и инволвираните луѓе во светот на криминалот“ и оти со проверката може да се почне од него.

-Во интерес на сите Албанци, на социјалисти и демократите е политиката да се исчисти од тињата на транзицијата, од луѓе, кои овие 30 години, и покрај политичкото лого што го чуваа, понекогаш го менуваа, понекогаш излегуваа со нови логоа, ја искористија политиката за да се збогатат илегално и што е најлошо, тие донесоа тиња во општеството, организиран криминал, рече Баша.

Тогаш премиерот Еди Рама коментирајќи го овој предлог истиот го нарече „изморена идеја“, но изрази „подготвеност да го слушне ова барање на неговиот пријател Љуљзим Баша“.

-Ако опозицијата не убеди дека се потребни уставните измени, тогаш сме подготвени да слушаме со почит. Можеби меѓусебно ќе се убедиме. Важно е да се води дијалог, рече пред десеттина дена премиерот Рама.

Но, социјалистите, според изјавата на Дамиан Ѓикнури, генерален секретар, имаат нов пристап кон предлогот.

-Мислам дека Албанија има доволно законодавство за да го спроведе она што се нарекува контрола на чистотата на фигурата на политичарот, како што се декларацијата за имотот, законот против мафијата, декриминализацијата и на крајот на краиштата гласот на граѓаните. Венецијанската комисија, исто така, претходно кажа дека политичарите не се вечни во политиката, тие се предмет на гласање а судството е доживотна професија. Значи имаме луѓе кои се филтрирани во системот и таму се вечни и никаде не одговараат освен пред судството. Во случајот со политиката, политичарите се најмобилните, најконтролираните и во исто време и најгласани од народот, рече Ѓикнури.

Ветинг во политиката е идеја на демократите од 2018 година, која бара да ја постигне преку уставна промена, за која нема доволно гласови во парламентот.

Изјавата на Ѓикнури остава мала надеж дека социјалистичкото мнозинство ќе каже „да“ на предлогот за ветинг во политиката.