Со мотото „Молиме за чист воздух и за добро здравје", жители на општина Кочани реагираат против повеќемесечното испуштање чад од јавната депонија кај виничкото село Лески.
Со петиција и писмен допис до јавноста ги повикуваат локалните власти да преземат соодветни мерки против загадувањето на воздухот што се пренесува и до Кочани.
– Повеќе од половина година депонијата кај Лески е запалена и чади, со што во континуитет ги загадува и населените места во соседните општини. Тоа се случува во период на пандемија, кога граѓаните се борат за здив или се наоѓаат на кислородна поддршка во болниците, а депонијата нѐ труе сите. Го повикуваме новоизбраниот градоначалник на Виница, една од првите работни задачи да му биде решавањето на овој регионален проблем, затоа што чадот не познава општински граници, истакнува Ѓорѓи Лазаров, потписник на петицијата.
Граѓаните ги повикуваат и инспекциските служби да преземат мерки, упатувајќи прашање зошто во спроведувањето на законите ги казнуваат земјоделците кои ја палат сламата за да ги обработуваат оризовите полиња, а за општините и локалните власти не важат истите законски обврски.
Освен со загадувањето на воздухот, депонијата за комунален отпад кај селото Лески е постојана закана за пожари предизвикани од горењето на органските материи, поради што виничките пожарникари редовно интервенираат во гаснењето на огнот.