Европската комисија потврди дека го добила писмото на унгарскиот премиер Виктор Орбан во кое тој бара ЕУ да финансира ѕид на надворешната граница на ЕУ, јави дописничката на МИА од Брисел.
Европската комисија „ќе му одговори“ на унгарскиот премиер „кога ќе дојде време“, рече портпаролот за внатрешни работи, Адалберт Јанз.
Тој го повтори ставот на Европската комисија дека ѕидови и огради не може да се финансираат со пари од буџетот на ЕУ.
-Нема да има финансирање на ѕидови од страна на ЕУ, нема сомнеж околу прашањето дека ЕУ фондови финансираат управување со надворешните граници на ЕУ, имаме специфични фондови за тоа и модерни софистицирани решенија кои се во согласност со европските вредности, рече портпаролот.
Но, за Европската Комисија е неприфатливо на континентот да се користат парите од европскиот буџет за ѕидови од историска перспектива.
-Ѕидовите и оградите беа отстранети и мисијата на ЕУ е да изгради заедница базирана на темелни права, демократија, слобода и правна држава, во овој контекст ЕУ никогаш не финансирала ѕидови и бодликави огради, ниту планира да финансира во иднина, додаде портпаролот.
Писмото на Орбан доаѓа неколку дена по барање на дванаесет земји членки на ЕУ за иста мерка. Ова барање исто така беше одбиено од страна на Европската Комисија.
Еврокомесарката за внатрешни работи, Илва Јохансон, тогаш одговори дека ЕУ нема да финансира огради и ѕидови, но дека не ги спречува земјите членки да ги градат сами.