Кремљ денеска ги отфрли критиките упатени од американскиот претседател Џо Бајден до неговиот руски колега Владимир Путин за неучеството на самитот за климата во Глазгов, наведувајќи дека Русија сериозно се бори против глобалното греење.

-Не се согласуваме со критиките на Бајден, кажа портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, додавајќи дека реакциите на Русија на климатските промени се „конзистентни, промислени и сериозни“.

Бајден вчера го осуди отсуството на лидерите на Кина и Русија на климатската конференција – COP26 во Глазгов.

-Неговата (на Путин) тундра буквално гори. Тој се соочува со многу, многу сериозни климатски промени, но тој одлучи да молчи, рече Бајден.

Песков денеска изјави дека тундрата навистина гори, но и шумите во Калифорнија, Турција и на други места во светот.

-Ние секако не ја намалуваме важноста на она што се случува во Глазгов, но руските климатски акции не се регулирани според овој или оној настан, додаде Песков.

Кремљ во септември соопшти дека Путин нема да присуствува на конференција во Глазгов, тврдејќи дека прашањето за климата е „приоритет“ за Русија, земја која е една од најголемите загадувачи во светот.