Германската сојузна покраина Бранденбург, која се граничи со Полска во нејзиниот источен дел, очекува дополнителни неколку илјади мигранти илегално да влезат преку Белорусија и Полска во наредните месеци.

„Мораме да сметаме на фактот дека мигрантите кои веќе се во Полска, Литванија и Летонија ќе се обидат да стигнат до Германија“, рече министерот за внатрешни работи на Бранденбург, Михаел Штубген, говорејќи пред комисијата за внатрешни работи во локалниот парламент во Потсдам.

Штубген истакнал дека многу мигранти од Ирак, Сирија и Иран се уште доаѓаат во Белорусија, но истакнал дека не е познат точниот број на мигранти на пат кон Германија.

Тој рече дека бројот на мигранти кои се обидуваат да ја преминат полско-германската граница се уште е многу далеку од ситуацијата со која се соочи Германија за време на мигрантската криза во 2015/2016 година. Штубген ги отфрлил барањата на некои сојузни покраини како Саксонија, која граничи со Полска, која бара воведување привремена контрола на оваа граница.

Претседателот на полицискиот синдикат, Андреас Роскопф, смета дека бројот на илегални гранични премини, кој во последните денови изнесува меѓу 120 и 280 дневно, се уште не го оправдува затворањето на границите.

Хеико Тегац од германскиот полициски синдикат, сепак, бил на мислење дека треба да се воведат гранични контроли пред ситуацијата да излезе од контрола.

„Мислам дека полицијата треба да ја заврши својата работа и да спречи нелегални гранични премини наместо да биде сведена на транспортна компанија која ги префрла мигрантите во сместувачките капацитети за бегалци во земјата“, рече Тегац.

Германскиот министер за внатрешни работи Хорст Зихофер го отфрлил воведувањето гранични контроли и повикал на зголемена соработка и помош на полските граничари во чувањето на полско-германската граница.

Веројатно, белорускиот претседател Александар Лукашенко, како одмазда за санкциите на ЕУ, намерно носи граѓани од Блискиот Исток и Африка во Белорусија, од каде што преку Полска се обидуваат да стигнат до земји како Германија. ЕУ, меѓу другото, неодамна се закани со санкции против авиокомпаниите кои превезуваат мигранти во Белорусија.