Советот за безбедност на Обединети нации синоќа усвои резолуција за Босна и Херцеговина, со која се продолжува мандатот на мисијата на ЕУФОР.
Резолуцијата 2604, со која мандатот на Мисијата на Европска Унија во БиХ е продлжен за една година, беше поддржана од сите 15 земји-членки на СБ.
Ако не беше усвоена нова резолуција, мандатот на ЕУФОР ќе завршеше утре.
Во новата резолуција не се споменува Канцеларијата на Високиот претставник (ОХР).
Амбасадорот на БиХ во ОН, Свен Алкалај изјави дека неговата земја се наоѓа во најголема криза од завршувањето на војната во 1995 година и ги обвини властите во Република Српска за „суштинско поткопување" на Дејтонскиот договор.
– Ова не го загрозува само мирот и стабилноста во земјата и регионот, туку може сериозно да го загрози и самиот Договор, посочи Алкалај.