Општина Битола со гости од збратимените градови, како и претставници на јавниот живот во градот денеска го слави 4 Ноември, денот кога во 1944година единиците од 49. дивизија на народноослободителната војска и партизанските одреди го ослободија окупираниот град во Втората светска војна.

Според востановената традиција, градоначалничката Наташа Петровска и делегации положија цвеќе пред спомениците на Револуцијата што се наоѓа на плоштадот „Гоце Делчев", и на партизанските гробишта во Битола.

Поздравна реч и сеќавање за настанот од пред 77 години одржа претседателот на битолскиот Сојуз на борци, Александар Трајковски, кој истакна дека во четири годишната херојска народноослободителна и антифашистичка војна, 266 борци од Битола и Битолско ги дале своите животи за слободарска Битола.

Празничната програма продолжува попладне со традиционална ноемвриска ликовна изложба која ја приредува Друштвото на ликовни уметници од Битола, а во понеделник ќе се одржат финалните натпревари од кугларскиот турнир во машка и женска конкуренција.