Со рекордни 77 крвни единици, во Делчево се одржа претпоследната крводарителска акција за 2021 година. Акцијата, како што информираше организацискиот секретар Ивана Ангеловски, се реализираше во организација на Црвен крст Делчево во соработка со Институтот за трансфузиона медицина од Скопје.

-Денешнната акција е една од најуспешните крводарителски акции во чии рамки имавме вкупно 77 дарувања, што е воопшто најголем број на собрани крвни единици во тековната 2021 година, што посебно не радува. Благодарност до сите кои денес учествуваа во акцијата и придонесоа за да биде поставен овој рекорд на полето на крводарувањето, рече Ангеловски.

Доктор Милан Поповски од Институтот за трансфузиона медицина во Скопје истакна дека поради пандемијата во 2021 година се јавува поголема потреба од крв, заради што апелира граѓаните на некоја од идните акции да се вклучат уште помасовно и да ја покажат својата хуманост на дело.

-Денеска имавме одличен интерес од доброволни дарители на крв и апелираме до сите хумани граѓани и во наредниот период да учествуваат во ваквите акции, бидејки крвта не се произведува, туку во време на пандемија исклучиво се потпираме на хуманоста на граѓаните, рече Поповски.

Од Црвен крст Делчево информираа дека утре крводарителска акција ќе се одржи и со хуманите граѓани на Македонска Каменица.