Властите во Хондурас го уапсија претседателскиот кандидат Сантос Родригез под обвинение за перење пари поврзани со трговија со дрога и убиства, вклучувајќи и убиство на доушник на ДЕА.
Француските медиуми пренесуваат дека Родригез е уапсен на помалку од еден месец пред претседателските избори, на кои сите главни кандидати се обвинети за корупција или трговија со дрога.
Дури и актуелниот претседател Хуан Орландо Хернандез е обвинет за трговија со дрога, а неговиот брат Тони Хернандез во март од суд во Њујорк беше осуден на доживотен затвор за истото кривично дело.
Родригез, пензиониран армиски капетан, не е меѓу фаворитите на изборите на 28 ноември.
Властите велат дека тој е баран за „перење пари“.
Заштитен сведок во истрагата кажал дека кога Родригез пронаоѓал пари или дрога за време на операции што ги спроведувал како армиски офицер, тој „не ги пријавувал во целост, задржувајќи дел од запленетите предмети, а одземеното оружје било насочувано кон криминална група“.
„Според сведоците, тој бил вклучен и во смртта на многу луѓе, вклучително и на информатор на американската Агенција за борба против дрога (ДЕА), соопшти Министерството.
При апсењето Родригез протестирал и тврдел дека е невин.
-Можат да ме претресуваат за што сакаат, немам што да кријам, изјави тој во видео снимено од неговите сојузници.
Во текот на последните месеци Родригез изјавуваше дека е еден од оние кои го обвинуваат братот на претседателот за трговија со дрога.
Во видеото тој кажува дека неговото апсење е „одмазда на претседателот бидејќи неговиот брат е во затвор во САД“.
Обвинителите изјавија дека Родригез дополнително е обвинет за организирање испораки на дрога што била украдена од други криминални организации, додавајќи дека парите за овие незаконски операции им биле несени на неговата сопруга и нејзината мајка, кои, исто така, се уапсени.
Според надлежните, анализата на банкарските сметки на приведените покажала активности што се „некомпатибилни“ со нивните пријавени приходи.