Делегацијата на европските либерали од АЛДЕ денеска пристигна во Бугарија за да ги набљудува претстојните парламентарни избори, што ќе се одржат на 14 ноември.
Како што јави дописникот на МИА од Софија, претседател на групата е Адријан Васкез Лазара, кој е и претседател на Комисијата за правни прашања во Европскиот парламент, а членови се европратеници и експерти од Европскиот парламент.
Се очекува делегацијата да работи на следење и анализа на прашањата поврзани со владеењето на правото и почитувањето на човековите права и слободи.
Во програмата на делегацијата е предвидено да имаат средби со претседателот на бугарскиот Хелсиншки комитет, Красимир Канев, главниот обвинител на Бугарија, Иван Гешев, Симеон Василев – основач на Фондацијата „Војс” и Јаков Јераси, претседател на меѓународната фондација „Бугарија”.
Во програмата на делегацијата е и посета на градот Крџали, што се наоѓа на бугарско-турската граница.
Делегацијата на АЛДЕ в сабота ќе одржи прес-конференција во конференциската сала на хотелот „Арпезос”, во Крџали, каде ќе ги презентира прелиминарните заклучоци од својата посета.