Француската Влада ја стави целата земја во состојба на висока готовност поради птичјиот грип, откако вирусот почна интензивно да се шири низ Европа, соопшти Министерството за земјоделство.

Британските медиуми пренесуваат дека со овој потег на француските власти се проширува барањето јатата живина насекаде низ земјата да се чуваат во затворени простории, мерка што е во сила во некои области од септември.

„Од почетокот на август, 130 случаи на птичји грип се откриени кај диви животни или на фарми во Европа“, се наведува во соопштението на министерството, додавајќи дека се идентификувани три случаи меѓу живината во североисточна Франција.

„Затоа ќе се спроведат засилени превентивни мерки за заштита на живинарските фарми“, се додава во соопштението.

Холандските власти минатата недела им наредија на комерцијалните фарми да ги задржат сите јата во затворени простории, откако една фарма пријави птичји грип.