Актуелниот градоначалник на Кичево, Фатмир Дехари во својот кабинет од страна на претседателката на Општинската изборна комисија, Афије Јонузи-Исмаили, го прими уверението за трет градоначалнички мандат.
Тој по свечениот чин истакна дека и во наредните четири години ќе работи одговорно и во интерес на жителите на општината.
– Планирани се повеќе проекти кои ќе бидат завршени до крајот на неговиот трет мандат. Изборниот процес помина демократски и денес го земам новиот четиригодишен мандат од граѓаните и го продолжувам во наредните четири години, нагласи Дехари.
Посочи дека сите проекти кои се почнати и други кои ќе ги почнат ќе ги завршат во претстојниот мандат.
– Им благодарам на гласачите и медиумите и на луѓето од дијаспората од САД кои се уште се тука, од цела Европа, што ја дадоа подршката за нас, истакна Дехари и посебна благодарност изрази за младата генерација која во голема мерка помогнала да го добие и третиот градоначалнички мандат.
Тој најави дека ќе работи транспарентно и во интерес на градот и граѓаните и ќе настојува да ги исполни ветувањата кои ги дал во предизборната кампања.
– Се уште ги реализираме проектите кои ги започнавме со тековниот буџет и истите очекуваме до крајот на оваа или во првата половина од наредната година да бидат целосно завршени.Почнуваме проекти за кои ќе бидат потрошени 20 милиони евра, почнувајќи од с.Зајас каде ќе се гради фекална канализација, што ќе биде поврзана со колекторскиот систем, потоа ќе го реализираме проектот за нов плоштад, кој чини 800 000 евра, нови булевари, спортски терени, водоснабдување и капела кај градските гробишта, додаде Дехари.
На новинарско прашање дали ќе има секретар во општината од македонските партии, тој нагласи дека ниту е официјално нешто договарано ниту ветено. За секоја функција во општината, појасни тој, ќе бидат избрани најквалитетните кои можат соодветно да одговорат на зададените задачи независно од националната припадност.