Националниот штаб за цивилна заштита на Хрватска, денеска најави нови мерки, употреба на ковид-потврди задолжителни за корисниците и вработените во јавните и државните служби, а од утре и нови ограничувања на собирите.

Според началникот на Националниот штаб, Давор Божиновиќ, треба да се делува на три полиња, да се постигне поголема вакцинираност, да се ограничат собиранките и да се обезбеди дополнителна заштита при работењето. Затоа од утре се ограничуваат собирањата, а од 15 ноември ќе се прошири употребата на ковид-потврдите.

Тие ќе бидат задолжителни за сите вработени во државните и јавните служби, како и за граѓаните кои ќе влегуваат по услуга во институциите.

Најавија уште поширока употреба на ковид-потврдите од средината на ноември, ако бројките на новозаразнеи продолжат да растат, па ќе се воведат и за угостителски објекти, кафулиња, ресторани, теретани, рекреациски и фитнес центри на затворено.

Тестирањето ќе може да се направи само во регистрирани установи, а на почеток трошокот ќе го сноси работодавецот.

Ако ситуацијата не се подобри, ковидпотврди од 4 јануари ќе може да добијат само вакцинирани и прележани, а не и оние кои се тестирале.

„Овој период е оставен за сите оние кои не се вакцинирале, да стигнат да се вакцинираат до почетокот на следната година“, рече Божиновиќ.

Овие мерки се на сила и за туристите кои ќе патуваат во Хрватска, поради приватни или службени причини.