Поранешниот близок соработник на Емануел Макрон, Александар Бенала денеска е осуден на три години затвор, поради насилство во група и узурпирање на функцијата полицаец, јави дописникот на МИА од Париз.
Една година од затворската казна ќе мора да издржува со електронска нараквица.
Поранешниот вршител на задолженија во Елисејската палата, Бенала е осуден откако беше обвинет за насилство за време на демонстрациите на 1 мај 2018 година, кога под закрила на полициска интервенција, на која беше поканет како набљудувач, учествуваше во физички напад на демонстранти.
Поранешниот близок соработник на Макрон, исто така, беше прогласен за виновен за измама со користење на неговите дипломатски пасоши по неговото отпуштање од Елисејската палата, за фалсификување лажна исправа за да добие службен пасош и за нелегално носење оружје во 2017 година.