Пациенти од општините Гевгелија, Богданци и Дојран се гневни поради тоа што формираната комисија при Општата болница во Гевгелија, која треба да издава конзилијарно мислење и наод за пациентите за остварување на правото за помош и нега од друго лице, се уште не работи и покрај тоа што помина повеќе од еден месец од нејзиното формирање.

Директорот Митко Крџев денеска потврди дека комисијата се уште не почнала со работа и дека покрај пациентите реагирале и матичните лекари како и Центарот за социјални работи.

– Сакам сите нив да ги информирам дека ДКСК не можела да издаде одобрение за почеток со работа на комисијата се додека не бидат целосно завршени Локалните избори, рече Крџев и ги замоли сите заинтересирани страни да покажат уште малку трпение, со надеж дека наскоро, на задоволство на сите заинтересирани, комисијата ќе почне со работа.