Општинската изборна комисија за Кичево денеска ги додели уверенијата на членовите на идниот советнички состав. Дел од претставниците на новиот советнички состав ги добија уверенијата во кабинетот на градоначалникот додека дел во просториите на Општинската изборна комисија.

Во кабинетот на градоначалникот уверенијата ги добија советниците од СДСМ, ДУИ и ЛДП, додека советничките групи на ВМРО-ДПМНЕ и независната листа уверенијата ги добија во канцелариите на Општинската изборна комисија.

По врачувањето на уверенијата од страна на претставниците на ОИК за Кичево, а на новинарско прашање дали ќе влезат во коалиција, за да бидат дел од мнозинството на советот, носителот на листата на СДСМ, Иванчо Божиноски изјави дека се уште нема официјална потврда со кои советнички групи ќе колаицираат во идниот состав. -Можни се секакви комбинаторики, но засега не можеме ништо официјално да потврдиме дали ќе бидеме дел од мнозинството во Советот или не. Реални шанси постојат, рече Божиноски.

Носителот на листата на ДУИ, Газменд Јусуфи најави ефикасна работа на идниот советнички состав во согласност со законите.

-Им се заблагодарувам на нашите граѓани кои гласаа за нашата партија, која на овие избори освои најмногу советници вкупно осум. Иако се уште нема официјална потврда како ќе се групираат партиите во новиот состав, очекуваме договорите да се реализираат на повисоко ниво и како ќе одлучат челниците на партиите со таков состав ќе функционираме во наредните четири години. Можам да ветам крајно одговорен и транспарентен однос што ќе биде чекор напред во функционирањето на новиот состав на Советот на општина Кичево, рече Газменд Јусуфи, носител на листа на партијата ДУИ.

Инаку новиот советнички состав во општина Кичево составен од 23 члена, го сочинуваат осум советници од ДУИ со 32, 67 проценти освоени гласови, седум од ВМРО ДПМНЕ со 27,67 остсто освоени гласови, по тројца од СДСМ и Независна листа и по еден од ЛДП и АА/А.