Документ за Ковид-19, односно сертификат за вакцинираните, потврда за прележаните и негативен рапид тест за невакцинираните, заедно со документ за лична идентификација, од денеска е задолжителен за влез во речиси сите затворени простори во Грција, со исклучок на маркетите и продавниците за храна, аптеките, бензинските пумпи и црквите, јави дописничката на МИА од Атина.
Новите мерки што во вторникот ги соопшти министерот за здравство на Грција и пред сѐ се однесуваат на невакцинираните, веќе се објавени во Службен весник и утрово стапија во сила, а со оглед на тоа дека важат и за туристите, МИА детално пренесува што од денеска се менува во Грција.
За шопинг во продавниците или моловите, за кафе или ручек во таверните и рестораните, за посета на јавните служби, банките, музеите и археолошките локалитети, фризерските салони и берберниците и сл, од денеска невакцинираните во Грција ќе треба да имаат негативен рапид или ПЦР тест.
Во затворените простори на кафулињата и угостителските објекти, во ноќните клубови и баровите, без разлика дали се на отворено или на затворено и за следење спортски натпревари на стадионите и во салите, влезот и понатаму е дозволен само за вакцинирани и лица кои прележале Ковид-19.
Истите мерки, односно Ковид-19 што се потребни и за влез во Грција, важат и за патување низ земјата, без разлика дали е со брод, воз, автобус или авион.
Исклучок од новите мерки има за супермаркетите, мини маркетите, фурните, слаткарниците, месарниците, бензинските пумпи, аптеките, но и црквите, каде што не е потребен документ за Ковид-19.
Особени реакции во Грција предизвика одлуката црквите да бидат исклучени од мерките, а како што веќе објави МИА, од опозициската СИРИЗА доставија амандман за промена на оваа одлука.
Од Светиот синод на Грчката православна црква, до сите соборни храмови, цркви, манастири и сл, во средата испратија циркуларно писмо преку кое ги охрабруваат и поттикнуваат верниците кои не се вакцинирани, во религиозните објекти да доаѓаат со негативен тест, но сепак, ова не е задолжително, туку е само препорака.
Конкретните мерки за задолжителен Ковид документ важат за полнолетните граѓани, а децата од 4 до 17 години може да покажат изјава за направен селф тест, односно негативен резултат од тестот за домашна употреба.
Сите невакцинирани вработени во јавниот и приватниот сектор задолжително, без разлика на нивната работна позиција, како и на вработените во религиозните објекти задолжително ќе треба да се тестираат со ПЦИ или рапид тест два пати седмично, наместо еднаш како што беше досега.
Маската и понатаму е задолжителна во затворените простори, но и на отворено доколку постои гужва.
Како и досега, така и сега, сите мерки во Грција што важат за Грците, важат и за туристите.
Задолжителните документи, при влез во затворените простори се скенираат преку специјална апликација на грчката Влада, која веќе неколку месеци се користи, а од средата, на граѓаните им е достапна нова апликација, за на едно место да ги имаат QR кодовите од сертификатот за вакцинација, потврдата за прележана болест или негативниот тест.
При скенирање на QR кодот, апликацијата го покажува името и презимето на лицето, а за верификација задолжително треба да се покаже и документ за лична идентификација.
Од грчката Влада најавија интензивни контроли за почитување на мерките и предвидени се строги парични казни, но и привремено затворање на објектите.
Во случај на неусогласеност на наведените податоци на физичкото лице во сертификатот за вакцинација или потврдата за прележана болест со доказот за лична идентификација, односно во случај да се користи туѓ сертификат или потврда, на физичкото лице му се изрекува парична казна од 3.000 евра, а на сопственикот на објектот 5.000 евра и прекин на работењето во траење од 15 дена.
Казните за сопствениците почнуваат од 5.000 евра и 15 дена затворање на локалот, а ќе се казнуваат и спортските екипи што се домаќини на натпреварите во случај публиката да не ги почитува мерките, како што е задолжителна употреба на маска.
За неносење маска, онаму каде што е задолжителна, предвидена е казна од 300 евра.
Во Грција во изминатите денови беа регистрирани рекордно високи бројки на нови случаи на Ковид-19, а од понеделникот, заклучно со вчера, беа потврдени вкупно 32.016 новозаразени, а за пет дена починаа 250 лица.