Четиридневната богата културно уметничка и спортска програма за одбележување на општинскиот празник, 7 Ноември, Денот на ослободувањето на Гевгелија, заврши попладнево со положување цвеќе пред спомен обележјата на народните херои, Спомен костурницата и спомениците на сите жртви на фашизмот.
Во чест и слава на сите паднати борци за слободата на Гевгелија, цвеќе положија делегации на локални и државни институции, Сојузот на борците, локалните ограноци на политичките партии и претставници на граѓански здруженија.
-Во борбата со фашистичкиот окупатор беа положени 74 животи од кои 13 потекнуваа од градот Гевгелија. Меѓу нив се и шестмина борци од гевгелискиот партизански одред „Сава Михајлов“. Како денеска, така и понатаму на овој ден ќе продолжиме да им се поклонуваме, а на младите им оставаме аманет да не го заборават светлиот историски датум на нашиот град, рече Јане Ташковски од гевгелиската боречка организација.
По повод прославата на празникот, изминативе денови беа организирани изложби на фрески и фотографии, фолклорни настапи и театарски претстави, а претпладнево во организација на АК „7 Ноември“ од Гевгелија се одржа и првата меѓународна улична трка на пет и 10 километри на која настапија повеќе од 600 тркачи од земјава и странство.