Во кабинетот на градоначалникот на општина Македонски Брод, денеска се изврши примопредавање на градоначалничката функција од досегашниот Живко Сиљаноски на новиот градоначалник во општина Македонски Брод, кој освои најголем број на гласови на последните локални избори, Жарко Ристески. Во еден кус период тие разменија мислења и искуства кои досегашниот градоначалник му ги пренесе на штотуку промовираниот Ристески.

Тој најпрво се заблагодари на досегашниот градоначалник Живко Сиљаноски за успешната работа и најави мандат исполнет со работа и проекти.

– Се чувствувам подготвен и способен заедно со советниците на општина Македонски Брод, стручната служба, вработени во локалната самоуправа, како и локалните институции од општината, да одговорам на задачите и обврските кои со себе ги носи оваа одговорна функција, со посветено и домаќинско работење, истакна новиот градоначалник Жарко Ристески и ја потенцира програмата што планира да ја реализира во наредниот четиригодишен мандат.

– Пред започнување на изборната кампања во соработка со граѓаните од општина Македонски Брод подготвивме програма за работа со многу проекти,решенија и предлози за работа во четиригодишниот мандат и ќе започнеме со реализација на истата уште од првиот ден, нагласи Ристески и им се заблагодари на граѓаните на општина Македонски Брод, кои го дадоа својот глас и довербата за избор на градоначалник и кои веруваа во неговите искрени и чесни намери, со многу труд, посветеност, дисциплина и одговорност да ја води општината.

Тој на крајот најави дека функцијата градоначалник ќе ја извршува чесно, посветено и ќе даде се од себе да ја оправда довербата на гласачите.