Во пресрет на зимската сезона тетовската полиција одржа состаноци со локалните самоуправи во полошкиот регион за да им укаже од потребата соодветно да интервенираат со цел да има безбеден сообраќај во зимски услови.
-Полициски службеници на СВР Тетово периодов во Тетово и Гостивар остварија средби и состаноци со претставници на локални самоуправи на подрачјето и претпријатија и фирми кои во текот на претстојната зима ќе бидат задолжени за одржување на патиштата и тротоарите и ги запознаа со нивните обврски. На состаноците посебно им беше укажано на законските импликации за нередовно и неквалитетно отстранување на снегот од патиштата, изјави Марјан Јосифоски, портпарол на СВР Тетово.
Секторот за внатрешни работи Тетово, исто така, ги потсетува возачите дека за една недела, односно од 15-ти овој месец ќе стапи во сила законската обврска за задолжително поседување, односно носење на зимска опрема, која ќе се спроведува до 15-ти март идната година.
-Во овој период, согласно Законот за безбедност на патниот сообраќај, возачите ќе треба да поседуваат синџири за снег, соодветни за димензиите на пневматиците на возилото или соодветни зимски пневматици. Оние кои без зимска опрема ќе тргнат на пат ќе се соочат со поднесоци и парична глоба од 45 евра во денарска противвредност и ќе бидат исклучени од сообраќај, особено ако се отежнати условите за движење на возилата, потенцира Јосифоски.
И понатаму од СВР Тетово со апел до возачите да се приспособи брзината според условите на патот, особено во раните утрински и доцните вечерни часови, кога обично коловозите се влажни и лизгави и кога е можна појава на голомразица на повисоките места, особено кон Маврово, Стража и Попова Шапка.