Економскиот аналитичар од бугарскиот невладин Совет за економски и јавни политики, Владимир Сиркаров, на дописникот на МИА од Софија му ги искоментира резултатите објавени од Бугарската народна банка (БНБ) за состојбата во банкарскиот сектор. Според него, финансиките резултати на банкарските институции во Бугарија на крајот на третиот квартал покажаа одржлив развој и опипливо подобрување во однос на тешката 2020 година.
-Под налетите на Ковид-19, банкарскиот сектор во Бугарија претрпе сериозни удари и го преполови својот профит. Меѓутоа, и покрај овие сложени околности, банкарскиот сектор остана многу добро капитализиран, со што се одржува цврста основа за подобри резултати во 2021 година, оцени Сиркаров.
Според економскиот аналитичар, тоа може да се види од најновите податоци на БНБ, каде заклучно со септември финансискиот резултат на целиот сектор достигна близу 1,1 милијарда лева (550 милиони евра), што е многу поголема бројка во споредба со перформансите на банкарските институции во Бугарија во текот на 2020 година.
Сиркаров е дециден дека добриот финансиски резултат се должи на многу фактори, а најзначаен е придонесот на приходите од хонорари и провизии. Истовремено, според него, тоа е постигнато со помала тежина, но и со зголемување на добивката остварена со обезбедување помали загуби, како и со подобрување на нето-приходите од камати.
Сиркаров за МИА изјави дека од макро аспект е многу позитивно што банкарскиот сектор во Бугарија е стабилен и остварува поголеми профити. Со тоа се гарантира финансиската стабилност на државата во ситуација на здравствена и политичка криза.
Меѓутоа, според него, еден од најсериозните економски предизвици со кои се соочува Бугарија е зголемената инфлација. Низ призмата на банкарскиот сектор во земјава тоа е фактор што ќе доведе до постепено зголемување на каматите на кредитите. Ова е нешто нормално со оглед на состојбата на пазарот, бидејќи поскапувањата нема да бидат остри и значајни, категоричен е во заклучок Владимир Сиркаров од бугарскиот Совет за економски и јавни политики, истражувачка и консултантска мрежа на Институтот за економија и политики на Универзитетот за национално и светско стопанство (УНСС) .