Руските власти ја сместија главната организација за правата на ЛГБТ лицата во земјата во калсификацијата „странски агент”, што е навредливо и може да ја искомплицира работата.
ЛГБТ организацијата е основана во 2006 година и работи во повеќе региони во земјата, а во регистарот на Министерството за правда е запишана како „странски агент” во кој се вклучени невладини организации, како и медиуми, активисти, адвокати и новинари.
Според веб-страницата на ЛГБТ-Сет, организацијата обезбедува правна и психолошка помош на ЛГБТ лицата и нивните семејства, води кампањи за покревање на свеста и собира информации за дискриминација поврзана со сексуалната ориентација во Русија. Во февруари, организацијата предупреди на апсењето на двајца Чеченци, кои потоа беа префрлени во Чеченија, руска република на Кавказ, позната по прогонот на хомосексуалците.
Класификацијата „странски агент” ги обврзува организациите, медиумите или тоа лице да го откријат својот статус во сите нивни публикации, вклучително и на социјалните медиуми, и да се придржуваат до гломазните административни процедури.
Оваа одредница, што потсетува на одредницата „народен непријател” од советската ера, треба да биде насочена кон оние кои добиваат „странска финансиска помош” и се занимаваат со „политичка активност”.
Насилството врз ЛГБТ лицата во Русија е релативно честа појава и е поттикната од конзервативците и религиозните кругови.
Во 2013 година, земјата воведе закон против хомосексуалната „пропаганда” меѓу малолетниците, што беше изговор за забрана на парадите на гордоста и истакнување знамиња со виножито.
Од 2020 година, рускиот Устав прецизира дека „бракот е заедница на маж и жена”, што де факто забранува истополови бракови.