Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен синоќа ги повика земјите членки на ЕУ да ги прошират санкциите против белоруските власти кои, како што наведе, се одговорни за приливот на мигранти кон границата на Полска.

„Инструментализацијата на мигрантите за политички цели е неприфатлива“, се вели во соопштението на Фон дер Лајен.

Покрај проширувањето на санкциите кон Минск, таа рече дека ЕУ „ќе ја испита можноста за санкционирање и ставање на црната листа на авиокомпании од трети земји“ кои носат луѓе во Белорусија.

Илјадници мигранти се собраа на белоруско-полската граница во обид да влезат во Европската унија. Брисел го обвинува „режимот на белорускиот претседател Александар Лукашенко дека го организирал пристигнувањето на мигрантите на источните граници на ЕУ откако Унијата воведе санкции кон Минск поради бруталната репресија врз опозицијата“.