Стокхолм го преполови бројот на дозволени електрични тротинети на улиците, што е последен удар врз оваа се популарната, но контроверзна форма на јавен превоз.

Градскиот совет изгласа ограничување на бројот на дозволени тротинети на 12.000 од сегашните 23.000 и го намали бројот на овластени компании за нивно изнајмување од осум на три.

Ограничувањата стапуваат на сила на 1 јануари, а градските власти во следните неколку недели ќе соопштат на кои компании ќе им биде дозволено да ги задржат лиценците за изнајмување, соопштија локалните власти по гласањето.

Употребата на електричните тротинети е во невидена експанзија во последните неколку години во сите поголеми градови низ светот, но неа ја следат и контроверзи.

Поддржувачите сметаат дека електричните тротинети се соодветна форма на транспорт, додека критичарите велат дека тие ги преплавуваат улиците и можат да бидат опасни при големи брзини.

Неколку светски метрополи воведоа ограничувања за нивната употреба.

Копенхаген целосно ги забрани во октомври 2020 година и ги дозволи повторно една година подоцна, но со строги правила што го ограничуваат нивното паркирање и користење.

Осло во јули годинава го намали бројот на дозволени тротинети од 20.000 на 8.000 и воведе забрана за нивно возење меѓу 23 часот и 5 часот наутро.

Париз воведе ограничување на нивната брзина на 20 километри на час.

Сингапур го забрани возењето електрични тротинети на пешачките патеки, по примерот на Германија и Франција.