Министерството за одбрана во Тајпеј денеска објави извештај во кој се оценува дека Кина користи тактика на „сива зона" за да го зајакне притисокот врз Тајван.
Во извештајот, како што пренесува Еј-Би-Си њуз, се посочува дека Пекинг настојува да ја преземе контролата врз островот преку вршење притисок врз воените капацитети и преку влијание врз јавното мислење. Властите во Тајпеј тврдат дека Пекинг ги исцрпува тајванските воздухопловни сили преку честото ангажирање и напорни задачи за нивниот персонал.
Во извештајот уште се вели дека стратегијата на Кина вклучува кибер-војување, пропаганда и кампања за меѓународна изолација на Тајван, со цел да ги принуди тамошните власти да ги прифати условите на Пекинг, но притоа да не дојде до војна.