Пандемијата на Ковид-19 ја „подгреа“ антисемитската реторика и поттикна нови митови и теории на заговор, во кои ги обвинуваат Евреите за актуелната јавно здравствена криза, се наведува во денеска објавениот извештај на Европската агенција за темелни права (ФРА), со седиште во Виена.

Во извештајот на ФРА, базиран врз официјални статистики и податоци од невладините организации се посочува дека „недоволните податоци ја прикриваат реалноста“, бидејќи ретки се државите-членки на ЕУ кои агилно ги евидентираат антисемитските инциденти. Во одредени држави, како Унгарија и Полска, нема никаква официјална статистика за ова прашање, поради што е невозможно да се спроведат „релевантни споредби“.

Федерацијата на европски заедници во чешка констатираше „зголемување на циркулацијата на говорот на омраза на интернет“, поттикнат од теоретичари на завери, насочени против вакцини и анти-ковид рестрикции.

Шпанија евидентирала три антисемитски инциденти минатата година, Франција 339, а Германија 2.351 – што е најмногу во периодот од 2010 до 2020 година.

Во голем број земји „големо мнозинство од инцидентите не се пријавени, ниту во полиција, ниту во некоја друга институција“, се истакнува во извештајот.

„Антисемитизмот е сериозен проблем, но, без податоци, не знаеме колку сериозен“, се наведува во соопштението од Агенцијата по објавениот извештај и воедно се повикуваат европските земји да ги „интензивираат напорите“ за подобро собирање податоци.

„Тогаш ќе можеме подобро да се бориме против омразата и предрасудите“, се наведува во соопштението од ФРА.

Европската унија минатиот месец ја претстави својата прва антисемитистичка стратегија, чија цел е борба против омразата на интернет, зајакнување на заштитата на синагогите и промовирање на наставата за историјата на Холокаустот