Франција денеска свечено му врати на Бенин 26 предмети од кралското богатство Абомеј, ограбени од колонијалните трупи во 19 век.

Министрите за култура на двете земји, Розелин Башело и Жан-Мишел Абимбола, потпишаа договор во Елисејската палата за пренос на сопственоста на предметите, кои утре ќе му бидат вратени на Бенин по 130 години.

– ТОА Е ДОЛГООЧЕКУВАН СИМБОЛИЧЕН, ТРОГАТЕЛЕН И ИСТОРИСКИ МОМЕНТ, ИЗЈАВИ ФРАНЦУСКИОТ ПРЕТСЕДАТЕЛ ЕМАНУЕЛ МАКРОН, КОЈ ВО 2017 ГОДИНА СЕ ОБВРЗА ДА ГО ВРАТИ НАСЛЕДСТВОТО НА АФРИКА.

Претседателот на Бенин, Патрис Талон и се заблагодари на Франција за враќање на културното наследство.

– НО, ВРАЌАЊЕТО НА ОВИЕ 26 ДЕЛА Е САМО ПРВАТА ФАЗА, НАГЛАСИ.

Меѓу делата што треба да се вратат утре, а кои беа изложени во музеј во Париз, се тотемските статуи на поранешното кралство Абомеј, како и тронот на кралот Беханзин, ограбен од француските колонијални трупи за време на грабежот на палатата Абомеј во 1892 година.

Експертите веруваат дека меѓу 85 и 90 отсто од африканското наследство е надвор од континентот. Од 2019 година, покрај Бенин, уште шест земји, Сенегал, Брегот на Слоновата Коска, Етиопија, Чад, Мали и Мадагаскар, поднесоа барања до Франција за враќање на наследството.

Враќањето на уметничките дела е карактеристика на „новиот однос“ што Макрон сака да го воспостави со Африка.