Дигиталниот гигант кој е веќе присутен во земјата купи нов терен и планира дополнителна инвестиција од над 500 милиони евра во Белгија.

Гугл потврди официјално дека во текот на 2022 година ќе изгради нови центри на податоци близу градот Монс, на југот на Белгија, а купен е терен од над 50 хектари за уште еден центар на податоци.

Американската фирма е веќе присутна во Белгија од 2007 година и досега инвестирал 2,3 милијарди евра во земјата. Со новата инвестиција се очекува вкупниот износ на инвестициите на Гугл во Белгија да достигнат три милијарди евра.

Премиерот на Белгија, Александер Де Кро, ја поздрави оваа најава и изјави дека ова е „потврда за пионерската положба” на Белгија во дигитализацијата.

– За да ја задржиме оваа позиција мора да продолжиме да ја обликуваме и зголемуваме дигиталната иновација. Инфраструктурите како центрите на податоци на Гугл се суштински во овој поглед, рече премиерот

Инаку, македонскиот премиер Зоран Заев пред промената на името најавуваше инвестиции на Гугл и Фејсбук во нашата земја, доколку го промениме името и станеме земја членка на НАТО.

- Инвестициите од Фејсбук и Гугл се можни да се реализираат во Македонија. Ова е извесна можност и штом ќе имаме податоци ќе излеземе пред Парламантот за промена на данокот за добивка за компаниите од информатичката технологија, да го намалиме од 10 на три проценти, оти тоа е дел од пакетот на понудата во разговорите со ваквите компании, рече премиерот Зоран Заев на собраниска седница за пратенички прашања.

– Ако Македонија ги заокружи политичките процеси и тоа се потврди преку уставните измени и стане извесно членството на НАТО, кое е важно за вакви компании за да ја реализираат својата инвестиција сите заедно ќе му помогнеме на бордот директори да донесе позитивна одлука за инвестицијата во Македонија, додаде Заев.

Три години по промената на името и година и пол по членството во НАТО, Гугл и Фејсбук се уште чекаат на македонската граница, „им фалел некој документ“...