Додека се зголемува бројот на мигранти на полско-белоруската граница продолжуваат меѓусебните обвинувања помеѓу Варшава и Минск, а ЕУ и ОН се обидуваат да преземат мерки со кои ќе се избегне поголема мигрантската криза во североисточна Европа, која почна во текот на летото, а се интензивира изминатите два дена.

Минск и Варшава веќе неколку недели се во спор околу мигрантското прашање, додека ЕУ го обвини белорускиот претседател Александар Лукашенко дека организирал бран мигранти, главно од Блискиот Исток, како одговор на санкциите на Унијата кон Белорусија поради репресијата врз опозициските демонстранти.

Белоруските власти ги отфрлаат обвинувања и ја предупредија Полска да не користи провокации за да ги „оправда можните незаконски воинствени дејствија” против мигрантите.

Минск ги оцени како „неодржливи” обидите на Полска да ја префрли одговорноста врз Белорусија „за мигрантската криза на границата”.

– Мигрантската криза на полско-белоруската граница ја загрозува безбедноста и стабилноста не само на Полска, туку и на целата ЕУ, изјави полскиот премиер Матеуш Моравјецки.

Полските власти соопштија дека илјадници мигранти се собираат во близина на границата со Белорусија. Варшава го обвини Минск дека се обидува да предизвика поголем конфликт со охрабрување на мигрантите да преминат во Полска и во Европската Унија, што ги зајакна повиците на Унијата да воведе нови санкции кон Белорусија.

Полска објави дека распоредила дополнителни војници и полиција, додека соседна Литванија воведе вонредна состојба на границата со Белорусија.

Во меѓувреме шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров побара од ЕУ финансиски да ја помогне Белорусија, како што тоа го направи со Турција.

Лавров го посочи Договорот помеѓу Турција и ЕУ од 2016 година, кога Брисел и исплати на Анкара неколку милијарди евра за да бидат запрени мигрантите на патот кон Грција. Влошувањето на хуманитарната состојба на границата помеѓу Полска и Белорусија предизвикува огромна загриженост во Европската Унија, а Комисијата бара санкции против белорускиот претседател Лукашенко.

Европската Комисија вчера го повтори повикот на претседателката Урсула фон дер Лајен до земјите-членки да воведат нови санкции против белорускиот режим. ЕУ смета дека претседателот Лукашенко ги „инструментализира” бегалците од Блискиот Исток за да ја „дестабилизира” ЕУ на нејзините надворешни граници, додека организациите за човекови права предупредуваат дека мора да се почитува меѓународното право на азил за бегалците.

Брисел го повика Минск да стави крај на „притисокот” врз надворешните граници на ЕУ, како во Полска така и во Литванија и во Летонија.

Според ЕУ, режимот на Лукашенко склучува договори со земји од каде доаѓаат бегалци како и со транзит земји ветувајќи им дека ќе стигнат до ЕУ земја, а се размислува и за санкции против авиокомпании кои наводно соработуваат со белоруската власт за пренесување на барателите на азил.

Во наредните денови потпретседателот на ЕК, Маргаритис Схинас и шефот на ЕУ дипломатијата, Жосеп Борел, ќе ги посетат земјите од каде доаѓаат бегалците како и земјите на транзит за да им објаснат дека не треба да “паднат во стапицата на белоруските власти”.

– Комисијата ќе разгледа заедно со Обединетите Нации и нејзините специјализирани агенции како да се спречи хуманитарна криза и да се обезбеди безбедно враќање на мигрантите во земјите од каде потекнуваат со поддршка на нивните национални власти, изјави фон дер Лајен.

Канцеларијата на Високиот комесаријат за бегалци при Обединетите нации (УНХЦР) изрази подготвеност да помогне во решавањето на хуманитарниот проблем.

На прашањето за политичките мерки на ЕУ кон Минск, вклучително и санкции, портпаролката на УНХЦР Шабија Манту објасни дека загриженоста на УНХЦР е ограничена на „хуманитарната димензија” и дека мерките на политиката се надвор од опсегот на оваа структура на ОН.