Французинката Одри Азулеј вчера со големо мнозинство гласови беше реизбрана за генерален директор на УНЕСКО.

-Моите искрени честитки во името на сите земји-членки за вашиот реизбор, рече Сантијаго Иразабал Мурао, постојан амбасадор на Бразил во УНЕСКО, кој до 24 ноември претседава со состанокот на Генералната конференција во Париз, каде е седиштето на оваа институција на Обединетите нации.

Азулеј, која првпат беше избрана за шеф на УНЕСКО во 2017 година, беше единствен кандидат за нов мандат и доби 155 гласа од 165 гласачи (девет беа против, еден воздржан).

Одри Азулеј до 2017 година беше министерка за култура во владата на социјалистичкиот претседател Франсоа Оланд.

УНЕСКО е основана по Втората светска војна со идеја за заштита на заедничкото културно наследство на човештвото и е позната по означувањето и заштитата на важни археолошки и природни локалитети.