Премиере Мицотакис кога конечно ќе престанете да лажете? Да лажете за насилните враќања (push backs), да лажете за она што се случува со бегалците во Грција? Ве молам, не ја навредувате мојата, ниту интелигенцијата на сите новинарите од светот, го започна прашањето холандска новинарка за време на прес конференцијата по средбата на грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис со премиерот на Холандија Марк Руте, прашање кое создаде нервоза кај грчкиот премиер, јави дописничката на МИА од Атина.
Мицотакис порача дека нема да дозволи и нема да прифати навреди и обвинувања, а во еден момент, делот од прес конференцијата се претвори во жесток дијалог меѓу грчкиот премиер и холандската новинарка.
-Разбирам дека во Холандија имате култура на поставување директни прашања до политичарите, нешто што многу го почитувам. Она што нема да го прифатам е во оваа канцеларија да ме навредувате мене или грчкиот народ со обвинувања и изрази кои не се засновани на материјални докази, во време кога оваа земја се соочува со миграциска криза со невиден интензитет и спаси стотици, ако не и илјадници луѓе на море, одговори Мицотакис.
Новинарката од Холандија Ингеборг Бугел, од грчкиот и холандскиот премиер побара одговори за мигрантското прашање и ситуацијата со бегалците.
Обраќајќи се до Мицотакис и поставувајќи го прашањето за насилни враќања на мигрантите кон Турција рече дека постојат многу докази кои грчкиот премиер продолжува да ги негира и да лаже и го праша зошто не е искрен и не кажува дека „Брисел нè остави сами, чекавме шест години, никој ништо не направи, треба да се направат релокации, не ги прават и да, правам насилни, варварски враќања“.
-Наместо да ја обвинувате Грција, би требало да ги обвините оние кои систематски ја инструментализираат миграцијата, туркајќи ги луѓето во очајни ситуации од безбедна земја, затоа што морам да Ве потсетам дека луѓето кои се во Турција не се во опасност, нивните животи не се во опасност и треба да ги обвинувате другите, а не нас. Имаме строга, но праведна миграциска политика. Испитавме и дадовме право на заштита на 50.000 луѓе во Грција, вклучително и десетици илјади Авганистанци кои добија…, рече Мицотакис и беше прекинат од новинарката, по што тој ѝ постави прашање, дали ги посетила новите кампови на островот Самос.
-Дали сте биле на Самос?, праша Мицотакс.
-Да, бев меѓу првите, одговори новинарката.
-Не, не сте биле на Самос, рече Мицотакис.
-Да, сум била, повторно одговори новинарката.
-Видете, не може да доаѓате тука во овој објект и да ме навредувате. Дали сум јасен за ова? Ви одговарам и нема да ме прекинувате. Исто како што јас Ве слушав внимателно. Ако отидете на Самос ќе видите одличен центар, одлични услови, рече Мицотакис, видно изнервиран.
Конкретниот дел од прес конференцијата по средбата Мицотакис – Руте, од доцна синоќа е главна тема во грчките медиуми.