Територијалната противпожарна единица од Берово засилено се подготвува за обуките во Словенија, како дел од активностите за унапредување на работата на единицата.

За таа цел во гимназијата „Ацо Русковски" се реализираше показна вежба за евакуација на вработени и ученици од средното училиште.

-Пожарникарите од ТППЕ, во рамките на своите програмски активности, одржаа тактичка вежба, за евакуација на вработените и учениците во ОСУ „Ацо Русковски" Берово. Вежбата беше спроведена во 3 дела и тоа: Евакуација на вработените и учениците, дојава за пожар во ОСУ „Ацо Русковски" Берово и обука на вработените за ракување со ПП апарат S9 и апарат CO 2, информираше командирот на единицата Сашко Руменовски.

Активноста како што додаде била успешно завршена, а притоа вработените и учениците имале прилика да вежбаат како безбедно да се евакуираат во случај на пожар и друга елементарна непогода во училиштето.

-Ваквите вежби се корисни за вработените во институциите, со цел, да бидат обучени како треба да постапат во случај на елементарна непогода. Со вакви вежби, ТППЕ ќе продолжи и во иднина и во другите установи од државен и приватен сектор, додаде Руменовски.

Во периодот што следи, вработени во ТППЕ Берово, ќе посетуваат обука во Словенија, во повеќе модули за унапредување на работата на територијалната противпожарна единица.