На Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола денеска беше промовирано формирањето на УКАЛО Алумни клубот. Основањето на клубот е со цел зајакнување на врските и комуникациите помеѓу Универзитетот со дипломираните студенти од прв, втор и трет циклус на студии, односно УКЛО алумнисти, како и поттикнување на нивната поддршка за промоција на универзитетот и нивно вклучување во активностите на УКЛО.

– Науката и високото образование не треба да се третираат како потрошувачка, туку како најважна продуктивна сила на општеството. Три децении имаме континуирано ниско ниво на јавни вложувања во високото образование и научно-истражувачката работа, најниско во регионот и пошироко, изјави професорот Марјан Ѓуровски.

Тој посочи дека без двоумење и политичко калкулирање е потребно да се поттикне критичка расправа за состојбите и развојот во креирање на посебна високо образовната и научната политика на државата

– Од ресорното Министерство за образование и наука денес високото образование е запоставено и на маргините на делување. Имам чувство како високото образование да е сирак во семејството на образовни политики и делувања покрај – основното и средното чиј сегменти се составен дел од образовниот мозаик, рече Ѓуровски во своето обраќање.

Професорот Ѓуровски додаде дека само со различни размислувања ќе може да се дојде до вистинска високообразовна-научна реформа.

Ректорот на битолскиот Универзитет професор Сашо Коруновски, пак, посочи дека студентите кои се во алумни клубот ќе учествуваат во развојот и напредокот на Универзитетот и ја преземаат улогата на лидери, алумнисти кои на интерактивен начин прераснуваат во следбеници на трендовите насочени кон обезбедување одржливост на Универзитетот и пошироко, на вредностите во општеството.

– Мрежата која ќе се изгради ќе придонесе за подобрување на сликата и промоцијата на Универзитетот во земјата и странство со оглед дека алумните се некои моќни амбасадори со што ќе се зацврсти лојалноста односно ќе создадеме засилено чувство на припадност и заедништво меѓу сегашните и поранешните студенти и ќе го поддржи напредокот на Универзитетот и неговите цели, истакна алумнистот Наќе Чулев кој има дипломирано на Факултетот за безбедност-Скопје.

Наташа Несторовска, член на Управниот одбор на Стопанска Банка АД Битола потенцираше дека преку Алумни клубот, ќе се активира практичното работење на компаниите, каде науката ќе го даде својот придонес во решавање на секојдневните проблеми со коишто се среќаваат.