Шефот на ЕУ дипломатијата пред европратениците попладнево порача дека ќе се разгледаат нови санкции против режимот на Лукашенко идната недела, јави дописничката на МИА од Брисел.

Високиот претставник за надворешна политика на ЕУ, Жосеп Борел, објасни дека претседателот на Белорусија со месеци организира транспорт на бегалци од земјите од Блискиот Исток до Минск од каде што тој ги испраќа на границата со Полска или Литванија, а потоа им забранува да се вратат назад кога не можат да влезат во ЕУ. Во повеќе случаи белоруската полиција пука на бегалците, порача Борел.

Ова за ЕУ е јасна одмазда на белорускиот претседател поради поддршката на ЕУ за белоруската опозиција на минатогодишните избори и прогласувањето на четири пакети санкции против лица блиски до Лукашенко.

Борел рече дека првпат оваа шема на транспорт на баратели на азил е започната летово со Ирак, со директни летови меѓу Багдад и Минск, по што ЕУ интервенирала и ситуацијата се смирила. Во меѓувреме, меѓутоа, други земји и други авиокомпании започнале со истата шема и ситуацијата повторно се интензивираше на почетокот на октомври на надворешните граници на ЕУ со Белорусија.

– ЈАСНО Е ДЕКА ОВА Е ОДГОВОР НА НАШИТЕ САНКЦИИ: ВИЕ МЕНЕ МЕ САНКЦИОНИРАТЕ, ЈАС ЌЕ СТАВАМ ЛУЃЕ ВО ОПАСНОСТ, ИЗЈАВИ БОРЕЛ ПОПЛАДНЕВО ПРЕД ЕВРОПРАТЕНИЦИТЕ И ИЗРАЗИ НАДЕЖ ДЕКА ОБЕДИНЕТИТЕ НАЦИИ ЌЕ МОЖАТ ДА ПОМОГНАТ И ДА ГО УБЕДАТ ЛУКАШЕНКО ДА ИМ ПРУЖИ ПОМОШ НА БЕГАЛЦИТЕ ЗАГЛАВЕНИ НА ГРАНИЦИТЕ.

ЕУ истовремено е ангажирана во дипломатска офанзива со земјите на потекло и на транзит каде се обидува да допре до потенцијалните баратели на азил и да им објасни дека шемата за превоз до Минск, а потоа во ЕУ е лажна и дека нема да можат да влезат во ЕУ, рече шефот на ЕУ дипломатијата.

Идната недела, на барање на лидерите на ЕУ, министрите за надворешни работи на ЕУ ќе разгледаат нов пакет санкции против режимот на Лукашенко поради „инструментализација на бегалците“, а ќе се разговара и за санкции против авиокомпаниите кои учествуваат во превозот на бегалци од Блискиот Исток, потврди Борел попладнево.