Поетско читање на делата од реиздадениот албум со песни од Блаже Конески „Проста и строга македонска песна“, а во изведба на Симона Спировска, актер и Дино Имери, пијано, се одржа вчера во Спомен собата на Крсте Мисирков во Институтот за македонски јазик во Скопје.

Албумот го реиздаде најголемата дискографска куќа во регионот „Кроација рекордс“ од Загреб, што оригинално беше снимен во 1981 година.

Главна цел на проектот „Блаже Конески – Проста и строга македонска песна, во чест на 100 години од раѓањето на великанот“ е зачувување и промоција на македонската култура и книжевност преку медијално издание на делата на великанот Блаже Конески, а ја адресира тематската област посветена на дејноста и делата на истакнати домашни дејци и автори во сферата на творештвото, културата, уметноста, литературата, музиката, образованието, науката, спортот и други истакнати личности кои имаат директен придонес во развојот на државноста или придонеле во создавањето или зачувувањето на културното наследство.

Во рамки на овој проект во текот на септември и октомври се одржаа четири поетски читања во Струга, Прилеп и Скопје.