Изложба на скулптури од лаванда и друга диворастечка флора беше отворена денеска во Домот на култура Кавадарци, во рамки на манифестацијата „Кавадаречка културна есен”. При создавањето на минијатури од сапун, со сув цвет од лаванда и друга диворастечка флора (мајчина душичка, маточина, диво нане, ајдучка трева), користено е масло од лаванда и лавандова вода.
Директорката на Домот, Јулијана Туриманџова појасни дека изложбата е во организација на Здружението „Биовита” и КСП Подиум Јадро, во соработка со културната институција.
Таа информираше дека во проектот се вклучени уметниците Симона Манчева, Ристо Јосифовски-Ромбо, Игор Јосифов, Ружица Јосифовска, Трајче Јованов, Томи Соколов, Ања Илиева, Никола Михов, Петар Петков и Дарко Алексовски.
-Целта е спој на природните ресурси и уметниците, рече Туриманџова.
Уметницата Симона Манчева нагласи дека целта е исто така да го прикаже постоењето на биоуметноста во општеството и какви дела може да се создадат со користење на природните ресурси.