Бројот на жртвите од стампедо на музичкиот фестивал „Астроворлд“ во Хјустон се искачи на девет, откако почина 22-годишна студентка од Тексас, соопшти адвокатот на семејството.
Локалната станица на телевизијата Еј-Би-Си јави дека на првиот ден од фестивалот дошло до хаос откако се отвориле вратите околу 14 часот по локално време и оти толпа од луѓе се пробивала низ портите, пренесува агенцијата Ројтерс. Илјадници луѓе, според наводите на Еј-Би-Си, го уништиле безбедносниот влез за ВИП лицата, заобиколувајќи го контролниот пункт, а некои се и приведени.
Шефот на локалната пожарникарна служба, Семјуел Пења, изјави дека дошло до метеж и кај предниот дел од бината и оти избувнала паника меѓу посетителите. Во тие моменти на бината настапувал американскиот рапер Тревис Скот, кој го основа фестивалот во 2018 година. Според извештајот на весникот Хјустон хроникл, тој неколку пати го прекинал својот настап поради инциденти во публиката.