Европската Агенција за лекови, ЕМА, даде зелено светло за два нови антивирални третмани против Ковид-19, Ронапреве и Регкирона, јави дописничката на МИА од Брисел.

Овие лекови се користат на самиот почеток на инфекцијата, објаснија од Европската Комисија и се темелат на монклонални антивирални антитела.

Еврокомесарката за здравство, Стела Кириакидес, ја поздрави оваа најава на ЕМА во контекст на раст на инфекциите ширум Европа.

-Со подемот на инфекции од Ковид-19 во речиси сите земји членки на ЕУ, смирувачки е што многу нови ветувачки третмани се развиваат во рамките на нашата стратегија за третмани против Ковид-19, изјави Кириакидес.

Таа нагласи уште еднаш дека вакцинацијата останува најважната алатка за борба против инфекцијата и спречување на тешки форми на оваа болест со долготрајни последици.

-Иако ЕУ има една од највисоките стапки на вакцинација во светот луѓето и натаму ќе се разболуваат и ќе им биде потребно да имаат сигурни и ефикасни третмани за борба против инфекцијата и подобрување на шансите за брзо оздравување, но и преживување, рече еврокомесарката за здравство.

Земјите членки на ЕУ можат да го искористат договорот за набавување 55 илјади третмани на Ронапреве, а во тек е евалуација на уште шест други третмани за да можат што побрзо да се пуштат во промет на пазарот на ЕУ.

-Развојот на пандемијата во ЕУ покажува колку е ситуацијата уште кревка и колку е важно пациентите болни од Ковид-19 да имаат пристап до безбедни и ефикасни третмани. Таа уште повеќе покажува дека мора да се продолжи со кампањата на вакцинација посебно во земјите членки каде стапката е ниска, вакцинацијата е единственото превентивно решение за излез од кризата, повтори Кириакидес.