Новиот состав на Советот на Општина Дебрца денеска ја одржа конститутивната седница на која беа верификувани мандатите на 11-те члена избрани на Локалните избори.
Според изборните резултати, Советот го сочинуваат по четворица претставници на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ, еден советник на ЛДП-ДОМ, како и двајца независни претставници.
Според изјавата на градоначалникот на Општината, Зоран Ногачески, советниците не успеале да ги надминат партиските разлики и не постигнале согласност за избор на претседател на Советот.
– Како прв човек на Општината кој мандатот го доби како независен кандидат со голема поддршка од граѓаните, и од членови на СДСМ и на ВМРО ДПМНЕ и на неопределените, си земам за слобода уште еднаш да ги повикам сите 11 советници да ги надминат партиските разлики, да се доконституира Советот на општината и заедно да ги градиме и реализираме локалните политики, изјавува Ногачески.
Тој ги повика советниците да демонстрираат отчетност, да покажат подготвеност на соработка и со свои идеи и предлози да придонесат во креирањето успешни локални политики.
– Изборите завршија, ајде сега сите заедно да го градиме нашиот заеднички дом, нашата Дебрца. Граѓаните ни ја дадоа поддршката и сега со право од нас очекуваат да испорачаме резултати. Во наредните денови ќе ги поканам на средби сите советници, од советничката група на СДСМ, советничката група на ВМРО ДПМНЕ, независните советници и советникот на ЛДП-ДОМ, а со цел да се изнајде решение за изборот на претседател и доконституира советот на општината, вели Ногачески.