Католичката црква во Португалија формира национален комитет за координирање на работата на локални црковни групи кои се занимаваат со можни случаи на сексуално злоставување на деца од страна на свештенството.
Комитетот ќе го „зајакне и прошири“ одговорот на Црквата на сите актуелни и историски обвинувања за злоупотреба, изјавија вчера португалските бискупи по четиридневниот состанок во храмот Фатимa во централниот дел на Португалија.
Црковните претставници не соопштија кој ќе биде во националниот комитет, ниту кога ќе почне да работи, ниту кои ќе бидат неговите конкретни насоки.
Комитетот ќе делува како национално „прислушкување“ за развојот на настаните во истрагите, се наведува во соопштението.
Низ целата земја, организирани се 21 локална група за проценка на случаи на сексуално злоставување на деца. Групите се состојат главно од адвокати, психолози и психијатри. Тие се формирани по повикот на папата Франциск во 2019 година, Црквата да одговори на обвинувањата за злоставување.
Некои водечки португалски католици, вклучително и политичари и писатели, ги повикаа бискупите да формираат целосно независна комисија која ќе ги истражи евентуалните историски злоупотреби.
Ваквиот потег доаѓа откако извештајот, кој го објавија медиумите минатиот месец, откри сексуално злоставување на деца во рамки на Француската католичка црква. Студијата објавена од независна комисија проценува дека околу 330.000 деца биле сексуално злоставувани во текот на изминатите 70 години од свештеници или други црковни личности.