Податоците на анкетната агенција Галуп од паралелното пребројување покажуваат дека на парламентарните избори победила коалицијата на двајцата поранешни министри Кирил Петков и Асен Василев – „Продолжуваме со промената“ со 26,3 отсто од гласовите. Коалицијата на поранешниот премиер на Бугарија ГЕРБ/СДС останува втора политичка сила со 23,1 отсто.
Останатите партии и коалиции кои влегуваат во 47. Народно собрание на Бугарија според Галуп се Движењето за права и слободи со лидер Мустафа Карадаи – 11,4 отсто; Бугарската социјалистичка партија со лидер Корнелија Нинова – 10,4 отсто; „Има таков народ“ на Слави Трифонов – 9,3 отсто, „Демократска Бугарија“ на Христо Иванов – 6,4 отсто, популистичката и антиваксерскапартија „Преродба“ на Костадин Костадинов – 5,0 отсто, под прагот за влез во бугарскиот парламент остануваат „Исправи се БГ! Доаѓаме!” на Маја Манолова – 3,0 отсто и ВМОРО на Красимир Каракачанов – 1,1 отсто.
На претседателските избори, кои се одржаа заедно со парламентарните избори во неделата, независниот кандидат Румен Радев, поддржан од БСП, освои 50,0 отсто од гласовите. Следен е Анастас Герџиков, кој е независен кандидат со поддршка од ГЕРБ-СДС добива 24 отсто. Трет е Мустафа Карадаи, лидер на ДПС со 9,1 отсто. На четвртата позиција е Костадин Костадинов со 4,1 отсто, потоа независниот Лозан Панов номиниран од „Правда за сите“ и поддржан од Демократска Бугарија, кој доби 3,5 отсто, познатата фолк пејачка Луна Јорданова доби 0,9 отсто, а лидерот на Националистичката партија „Атака“ Волен Сидеров добива 0,6 отсто. Според Галуп, излезноста на парламентарните избори во Бугарија била 36,8 отсто, а на претседателските 37,5 отсто.