Австријците кои се невакцинирани против Ковид-19, меѓу кои и 12-годишни деца, од полноќ се во „локдаун” врз основа на одлуката на австриската Влада донесена поради влошената епидемиолошка состојба.

Австрискиот Парламент ги усвои соодветните правни акти, со кои може да се примени новата мерка. Согласно владината одлука, сите граѓани кои не се вакцинирани против коронавирусот од денеска се во строго „заклучување”. Лицата кои немаат валиден сертификат за вакцинација, потврда за прележан Ковид-19 не постара од 180 дена, веќе не можат да влезат во сите продавници.

Со воведувањето на правилата „2G” невакцинираните веќе се оневозможени да влегуваат во угостителски, туристички, забавни и спортски објекти, но и во фризерски салони, козметички салони и слично. Отсега можат да одат само да купуваат намирници за секојдневна употреба, како производи и средства за хигиена.

Сите невакцинирани лица можат да го напуштат домот само за да одат на работа, да посетат лекар, да одат во аптека, физички и психички да се опорават односно да пешачат, како и да им помогнат на други. Дополнително, невакцинираните лица имаат право да се сретнат само со едно лице од друго домаќинство. Тие можат да го напуштат сопствениот дом за да посетат црква, но и да одат на училиште или на факултет.

Новата мерка се однесува на сите невакцинирани граѓани постари од 12 години, па ги опфаќа и децата кои се на возраст за вакцинација, а тоа се уште не го сториле.

Лицата кои примиле само една доза од вакцината до другата ќе треба редовно да се тестираат за да бидат исклучени од овие мерки.

Наставата во училиштата продолжува како и досега, но со нови заштитни мерки. Тоа значи дека, таканаречената „безбедносна фаза” повторно ќе се применува во следните две години. Таа предвидува дека сите ученици ќе се тестираат трипати неделно, од кои најмалку еднаш со ПЦР тест.