Министрите за надворешни работи на земјите од Европската унија денеска во Брисел ќе разговараат за Западен Балкан, пред се за ситуацијата во Босна и Херцеговина и односите меѓу Србија и Косово.
Како што претходно соопшти словенечкото претседателство со ЕУ, Западен Балкан е една од темите во фокусот на седницата на Советот за надворешни работи на ЕУ, со која ќе претседава високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел.
Неименуван висок функционер на Унијата изјави дека министрите на ЕУ ќе разговараат темелно и отворено за документот што Борел ќе им го достави, бидејќи не се очекува да донесат заклучоци. Документот подготвен од претставници на Европската служба за надворешна акција (ЕЕАС), предупредува дека политичката ситуација на Западен Балкан е „полна со растечки предизвици” во последните месеци, со продлабочување на сериозна политичка криза во БиХ и тензии во северот на Косово, како и меѓупартиските поделби во Црна Гора што го „парализираат политичкиот систем” во таа земја.
На состанокот треба да присуствува и еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји, кој оваа недела ќе разговара со министрите за надворешни работи на Србија, Црна Гора, Македонија и Босна и Херцеговина и со вицепремиерот на Косово.