Белорускиот претседател Александар Лукашенко изјави денеска дека неговата земја не сака мигрантската криза на границата со Полска да ескалира во „конфликт“.
– Не сакаме никаков конфликт на нашата државна граница. Тоа е целосно штетно за нас, изјави Лукашенко, јави државната новинска агенција Белта.
Лукашенко рече дека мигрантите на границата меѓу Белорусија и Полска не сакаат да се вратат во своите домови и посочи дека Минск може да ги префрли во Минхен со авиони на белоруската авиокомпанија „Белавиа“, доколку Полска не обезбеди хуманитарен коридор.
Некои медиуми претходно објавија дека властите во Минхен изразиле подготвеност да примат мигранти.
Претседателот на Белорусија смета дека на Полска и е потребна мигрантска криза поради проблемите со Европската унија, а ситуацијата со мигрантите се „вжештува“ со цел да ја вовлече Русија во конфликт.
Белоруската државна авиокомпанија објави дека на Сиријци, Ирачани, Јеменци и Авганистанци им се забранува влез на летови од Обединетите Арапски Емирати на барање на Дубаи, откако Минск беше обвинет дека довел мигранти за да ги испрати во Европа.
Во изјавата до граѓаните на четирите земји објавена на нејзината веб-страница, „Белавиа“ нагласува дека нема да им биде дозволено да пристигнуваат со летови од Дубаи до Белорусија „во согласност со одлуката на надлежните органи во ОАЕ“.