Бајден и Си ќе одржат виртуелна средба во засилени напори за ублажување на односите меѓу двете земји поради загриженоста за кинеските воени активности во близина на Тајван, посочува Фајненшл тајмс.

Претседателите на САД и Кина, Џозеф Бајден и Си Џинпинг денеска ќе имаат виртуелна средба во време на растечки тензии во односите меѓу двете земји, кои се на најниско ниво од нормализацијата на дипломатските односи во 1979 година.

Сепак, иако самитот засега е најдобрата можност да се запре надолната траекторија во односите меѓу двете најголеми светски економии, очекувањата не се големи, пишуваат светските медиуми.

Бајден и Си ќе одржат виртуелна средба во засилени напори за ублажување на односите меѓу двете земји поради загриженоста за кинеските воени активности во близина на Тајван, посочува Фајненшл тајмс.

Белата куќа објави дека Бајден и Си ќе разговараат денеска навечер по локално време во Вашингтон. Двајцата лидери оваа година веќе двапати разговараа по телефон.

Според британскиот весник, Бајден се надевал на средба во живо, но Си не ја напуштил Кина веќе две години поради пандемијата со Ковид-19.

Виртуелниот самит доаѓа во време кога односите меѓу САД и Кина се во најлоша состојба откако двете земји ги нормализираа дипломатските односи во 1979 година, пишува Фајненшл тајмс. Бајден искажа приговори на Кина за голем број прашања.