Центарот за култура-Битола промовира изложба на фотографии и творби од 7. Детска ликовна работилница на тема „Народната култура – трајна инспирација во моето творештво“.
Во рамки на изложбата, во фоајето на битолскиот Центар за култура, презентирани се детски творби изработени за време на работилницата, како и фотографии од текот на работилницата која летоска, во периодот од 22 до 28 јули се одржа во културниот центар „Магаза“ и Музејот во Битола.
-Во рамки на работилницата беа реализирани предавања во врска со народната култура, духовното и материјалното културно наследство, институцијата музеј, а се реализираа и практични работилници на тема рамен печат – монотипија со техника темпера, како и сликање на текстил со акрилна техника. Предавачи и инструктори беа д-р Мери Стојанова-етнолог, Весна Дунимагловска-ликовен педагог, Сандра Котевска-ликовен уметник и Анкица Стевановска-ликовен педагог. Во работилницата патиципираа 99 учесници, од нив 71 ученик и 28 ликовни педагози, ментори и наставници од Битола, Куманово, Демир Хисар, Новаци, Могила и населените места Добрушево, Бистрица, Гермијан, Барешани и Братиндол. Седмата Детска ликовна работилница со многу позитивна инспиративна енергија успеа да направи креативен спој на убавината на традиционалните вредности и детската имагинација, истакна м-р Валентин Соклевски, советник во Центар за култура-Битола.
Работилницата и изложбата ги организира и реализира НУ Центар за култура-Битола, со финансиска подршка на Министерството за култура.