Еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји порача дека ЕУ мора да продолжи со политиката на проширување кон Западен Балкан, оценувајќи дека таа е „најсилниот инструмент на ЕУ“.
– Другиот инструмент што го имаме е Економскиот и инвестицискиот план за Западен Балкан, кој мора да се спроведе колку е можно поскоро, изјави Вархеји.
Пристигнувајќи на состанокот на Советот на ЕУ, каде ќе се разговара за политичкиот ангажман и соработката на ЕУ со Западен Балкан, Вархеји најави дека по изборите во Софија и во Скопје ќе се направат сите напори за решавање на отворените прашања и формално започнување на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија „до крајот на оваа година“.